Тортата ја припремив за Валентин, иако не празнувам, некако ми прејде во традиција секоја година за Трифун и Валентин да правам срце торта. Не сум некој голем љубител на непечени пудинг торти, ама па ми се најдоа по дома пудинзи и еден куп пакетчиња отворени бисквити, наполитанки, ресани и решив да ги искористам и да направам торта. После оваа торта, го сменив мислењето за непечените пудинг торти. Тортата навистина беше врв, превкусна, кремаста, а ресаните дополнително го збогатија и засилија вкусот.

Подготовка:

1. Прво се пoдготвува пудингот според упатството со тоа што не се става 1 литар млеко, туку 850 мл. Пред да биде готов пудингот, се додаваат чоколадото и путерот и убаво се меша. Може да користите и миксер.

2. Во подлабок сад измешајте ги сувите состојки, бисквитите, јафа колачите, наполитанките и додадете го жешкиот пудинг. Измешајте пополека со лажица и оваа смеса истурете ја во калапот за торта (јас го обложив со хартија за печење). Оставете го фрижидер убаво да се олади и да се стврдни.

3. Откако ќе се олади направете ја глазурата. Во 50 мл растворете го густинот. Останатото млеко со чоколадото полека растопете ги во гезве и потоа додадете го растворениот густин. Смесата ќе почне да се згуснува. Кога ќе почне да преминува во густа течна состојба, веднаш прелејте ја тортата. Израмнете и оставете пак да се излади. Декорирајте по желба со чоколаден шлаг.
Најдобро е да ја послужите следниот ден.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови