Убав летен сладоледен десерт кој одлучив наместо во модла да го спремам како засебна мини тортичка. Впрочем... ова е и мојот јубилеен рецепт.
За прв пат останувам без текст по повод јубилејот. Повеќе пати е кажано дека овде дружбата е преубава, средбите кои ги правиме се преубави, срдечни, секое пријателство овде кое го стекнав за мене е најголемото богатство. Горда сум кога ќе кажам колку ли тоа пријателки и другарки имам овде, знам да се пофалам некаде со нивните креации, знам да кажам за секоја нивна измамена насмевка, нивните ракотворби, нивната несебичност и спремност секогаш да помогнат. Дека многу научивме за региите и нивните традиционални рецепти, рецепти од денешницата... тоа е факт.
И по којзнае кој пат ќе кажам дека сум благодарна на младите ентузијасти кои одлучија пред неколку години да го направат овој сајт.. Истиот одлично работи и сите ние заедно верувам дека сме горди на нив.
Уредништво, мој поклон пред вас... нели реков еднаш - и да ве немаше - ќе мораше да ве создадеме ние. Благодарам!
Постапка
- Најпрво желатинот ставен во мал сад залијте со 6 лажици ладна вода и нека стои да набубри. Значи подготовката како што е напишана на паковањето. Ако имате желатин во листови тогаш потопете во водата 5 листа, кој пред употребата само ќе го истискате од водата.
- За тоа време се вари пудингот во млекото, се трга на страна, додека е врел во него се става желатинот и се меша да се стопи (можете претходно да го стопите ставајки го садот во кој стои над пареа, а ако е листови тогаш се истискуваат листовите, се истура вишетокот од водата, се вркаа во самиот сад и на истиот начин се отопува над пареата) Се додава ванилата и кокосот и се меша убаво. Покријте го со фолија да не фати кора и оставете потполно да олади.
Додека се лади приговете го преливот.
Прелив
- Во сад ставете ги малините и шеќерот на тивок оган нека се продинстаат. Во вода растворете го густинот, додадете кај малините, измешајте внимателно да не ви се распаднат многу малините (што пак и не е голема маана), нека се згусти и тргнете на страна да се лади.
- Со миксер се мати слатката павлака, но не до потполна густина, поретка нека е смесата. Додавате од оладениот пудинг дел по дел и продолжувате да матите. Така и ќе ја добиете саканата густина на павлаката. Но не претерувајте со матење за да не добиете путер. Вака добиената смеса излијте ја во калап, оставете да се сосема излади, најдобро во фрижидер. Откако ќе утврдите дека е доволно цврст - извадете го од модлата превртувајки го на тацна... залијте со веке спреманиот прелив.

Ова е права кокосова фантазија како што и го нарече пријателката Нена по чиј рецепт го приготвив со мала измена.
Измената е во следното
- Откако ги спремив малините како што е опишано, дел од нив ги прецедив преку цедалка за да добијам чист прелив. Одлучив да направам засебни сладолед тортички од сладоледната смеса ги полнев до половина модлите, потоа ставав од чистиот прелив, врз него од сладоледната смеса ги дополнував. Ставив во фрижидер и стоеја цела ноќ. Наредниот ден ги извадив и еве најлесно беше само да ги напрскам со кондиторски путер спреј.... нормално - во боја која најповеке одговараше за оваа фантазија. Остатокот од преливот го преливав исто така врз помали коцки ... Оваа цела смеса што ке ја добиете е доволна да наполните цела една правоаголна форма - Јас наполнив модли во форма на цвет, и 4 мали правоаголни форми.
Драги мои, уживајте.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани