За сите кои сакаат сладок џем со пинаков вкус, еве еден рецепт околу кој нема многу време да потрошите, а вкусот кој ќе го добиете е слатко-кисел со нијанса на горчлив.
Ако до сега не сте вареле ваков џем, а сте љубител на ваквиот вкус мислам дека ќе имате фаворит помеѓу џемовите.

1. Лимоните убаво ги миеме, ги сечеме на четвртинки и делот со ципата и сокот, го делиме од жолтата кора и белиот сунѓерест дел под неа. Значи ципата со внатрешниот дел оди во соковник, да се исцеди.
2. Корите со белиот дел (што се наоѓа веднаш под жолтиот дел) ги ставаме на оган со малку вода и ги доведуваме до вриење, потребно е да вријат едно 5 минути најмалку. Ја истураме водата повторно ги налеваме и пак ги вриеме. Така до три пати.
3. Потоа корите ги ставаме во сечко да се сомелат, така ситно, како да сме ги рендале на покрупната страна од рендето. Можете да додадете и малку од сокот, за убаво да ви се мелат корите.
4. Оваа смеса заедно со шеќерот и сокот оди на оган. Кога ќе почне да врие го оставаме така 5-10 минути и мешаме. Треба да добиеме смеса како густа манџа.

Вака се добива џем кој лесно паѓа од лажица на лебче, а ако сакате да ви биде погуст, варете го неколку минути повеќе, со постојано мешање.
Вака јас го направив.

Вториот начин доколку немате соковник е следниот
Лимоните ги цедиме на рачна цедалка. Од внатрешната страна им ја отстрануваме тенката ципа во која стоел сокот. Со корите и понатаму е иста постапката како во првиот начин.
Ова е доза за две тегли по 750 мл. За овој џем поубави се лимоните со подебела кора.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани