Мазник, предизвик за неискусните и кај нас во Битола многу важен на трпезата за Василица или Стара Нова година. Се прави со железно паре завиткано во алу фолија, кое најчесто се става на претпоследнат кора. Се верува дека на оној кој ќе му падни парето ќе го следи среќа цела година. Јас за жал, немав такво искуство, но јас и така не сум со сите, па не се базирајте многу на мене.
Мазник се трудам да правам последниве години и тоа во време баш за овој празник, што автоматски ме става во категорија на не многу вешта за овој потфат. Така, оваа година решив да се испробам со брашното за пици, тип 0, кое со тестата за пици се покажа како супер растегливо. Веројатно разликата е во примањето вода и тоа што можеби сака малку повеќе време одморање на тестото. Ах, да, и мора да се работи брзо, затоа што корите се прават мнооогу тенки и за сметка на тоа имаат тенденција да се сушат побрзо.

Подготовка

1. Од состојките за тесто измесете глатко тесто. Тестото откако ќе се формира, месете го уште 5 минути.

2. Поделете го на 5 топчиња кои ќе ги исукате малку со сукалото во дискови. Ставете ги на намрсен поголем послужавник и обилно премачкајте ги со масло. Оставете да стојат така добро покриени со стреч фолија барем еден час, а можи и повеќе.

3. Секој диск прво развлечете го со рацете и потоа поставете го врз чаршав на средина на масата.
Внимателно тргајте ги краевите вртејќи круг околу маса.

4. Кога доволно ќе се истрга кората, се сечат ивиците со остар нож, се става од филот и се попрскува со силиконска четка намакана во масло насекаде кората. Потоа со помош на крајот на чаршафот се рола кората. Се витка во круг како полжав и се става во средина на намрсена тепсија.

5. Се повторува постапката и со останатите дискови додека се наполни тепсијата. Јас направив 2 со димензија 26 со двата фила. Одозгора се попрскува со масло и по желба се става сусам, иако не мора.
Бурекот со месо фил одозгора го премачкав со 1 разматено јајце и малку сол, испадна одлично.

6. За филот, се пржи исечкан кромидот и меленото месо и колку се можи, при мешањето, се растура местото да е што поситно. Откако ќе ја смени бојата се додаваат зачините, се попржува кратко и се остава да излади.

Се печи на 200 С 20на минути.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови