Кифли детелинки
Драги мои пред некој ден ги правев овие форми на кифли со тесто од печени панцероти на Теофанија. Беа совршени, ама големки.
Денес по мој рецепт за тесто ( да не крадам туѓи рецепти и да пишувам, ха, ха) направив мали крцкави детелинки.
Сакав да ви го презентирам начинот на виткање детелинки.
Во 1/3 од тестото ставив исцеден бланширан спанаќ и си играв едно кругче бело, едно зелено, едно бело...или 2 зелени и едно бело,убавини...
вака оди постапката.
Во топлото млеко се ставаат шеќерот, квасецот и малку брашно. Се промешува и нека одстои 10 минути.
Потоа се додаваат солта, маслото, јогуртот, јајцето и постепено од брашното.
Се замесува средно тесто.
Се покрива со чиста крпа , се остава на топло околу 20 минути.
Потоа се дели тестото на 2 дела или може и од целото да се сучи танка кора, со дебелина од 2-3 мм.
Со ракиено чаше се вадат кругови.
Сега се зема едно кругче, многу танко се премачкува со путер или маст, врз него друго кругче и тоа се премачкува, па се става трето кругче.
Нежно се притиска со раката.
Сега се повлекуваат во средината двата краја од едната страна, па се притискаат со сукалото, исто се постапува и од другата страна, се притискаат со рака, па со сукало.
Така формираме детелинка. Ги редиме во плех.
Киснат 20 минути, па се премачкуваат со изматено јајце, се посолуваат со сусам или чурекот и се печат околу 25 минути на 200 степени убаво да заруменат.
Уживајте со додаток на сиренце, јогурт, ајвар....
Лиценца: Сите права се задржани