Оваа торта ја направив за 19-тиот роденден на син ми. Лесна за правење и многу вкусна. Мислам дека претерав со украсувањето, ама пробував нови модли за цветови од шлаг па се занесов малку хе хе.

Прво го спремав филот. Млекото со шеќерот го зовриваме на оган во тенџере. Настрана со малку ладно млеко ги разбиваме пудинзите, 3 те лажици брашно и шесте лажици шеќер. Мешаме да не останат грутчиња. Ги додаваме жолчките. Добиената смеса ја тураме во млекото и вариме додека не се згусни. Оставаме да се олади. Путерот и маргаринот ги матиме со миксер да станат пенести. Ги промешуваме со ладниот фил и го делиме на два дела. Во едниот го ставаме чоколадото претходно растопено и подизладено.

Правоаголна тава (40 х 30 см) ја обложуваме со пек хартија. Ги ставаме сечканите лешници и ореви и ја ставаме во загреана рерна (200 степени Ц) да се запечат колку да промирисаат. Во меѓувреме со миксер ги биеме белките во цврст снег. Една по една ги додаваме седумте лажици шеќер и една лажица масло со непрекинато матење. Го исклучуваме миксерот. Ги додаваме седумте лажици брашно и мешаме со лажица да се изедначи. Добиената смеса ја истураме во тавата врз запечените ореви и лешници. Печеме 15-20 минути, зависно од рерната. Ја вадиме тавата со испеченото тесто и оставаме да се олади.

На подлогата за торта го превртуваме тестото и ја отстрануваме хартијата. Премачкуваме со еурокремот. Врз него го ставаме жолтиот фил. Ги редиме плазма бисквитите една по една брцнати во ладно млеко. Врз нив оди кафеавиот фил. Најгоре го ставаме шлагот/хоплата. Украсуваме по желба.

Е ај после биди на диета ако си јунак?!!!

Добар апетит

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови