Идејата за овие палачинки си дојде спонтано, а се со цел да го изненадам и израдувам најмалиот член на семејството =)). Мисијата беше успешна! =))
Јајцата заедно со шеќерот изматете ги кратко со жица за матење. Наизменично додавајте ги млекото, киселата вода и брашното и матете со жицата додека да добиете средно густа смеса за палачинки. Доколку ви се чини дека е многу густа, додадете малку кисела вода или млеко.
Одвојте од смесата на страна во еден длабок сад (отприлика, колку 1 чаша) и во неа ставете го какаото и убаво изматете со жицата. Разредете ја смесата со малку млеко.
Во тавче бр. 28, на загреан зејтин ставете една црпалка од светлата смеса и убаво разлијте ја по дното на тавчете. Веднаш потоа со лажица или мала црпалка земете од темната смеса и направете цик-цак шари на палачинката. Пржете од двете страни на средна температура.
Палачинките премачкајте ги со чоколадниот крем додека се топли. По должина, во еден ред наредете банани исечкани на кругчиња и завиткајте како ролат. Тањирот во кој ќе ги послужите, наросете го со шеќер во прав, наредете ги палачинките и декорирајте со парчиња банана.
Од овие состојки кај мене излегоа 12 палачинки. Бидејќи најмалиот член е голем обожавател на палачинки со нутела затоа е и овој предлог за полнење. Секако дека може да ги филувате со фил по ваша желба. Убави се и со пудинг и овошен прелив.
Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани