Запечени ќофтиња со прелив
Комплетен ручек подготвен во една тава. Во мојот случај подготвен во мали садови за печење, ама вие прилагодете си ги состојките според потребите.
Подготовка
Ги рендаме излупените компири и кромид, па ги соединуваме со меленото месо. Ја додаваме жолчката и останатите зачини и брашното.Убаво соединуваме и правиме ќофтиња кои ги пржиме во масло. Ги редиме во тавава во која ќе го потпечеме ручекот.
Компирите ги вариме, лупиме и од нив правиме густо пире. По наш вкус ставаме зачини и путер. Кромидот ситно го сечкаме, морковот го рендаме и на масло ги пропржуваме да омекнат. Го додаваме процедениот грашок со 50 мл вода. Мешаме и динстаме кратко време или додека да испрари водата. Грашокот го ставаме во пирето и соединуваме. Оваа смеса ја истураме врз ќофтињата, рендаме кашкавал одозгора и тавата ја ставаме во рерна да се пече(потпече) на 200 степени, околу 10-15 минути.
Забелешка
Доколку имате инстант пире (по упатството на кесичката, со путер и зачини по вкус)може да се примени во овој рецепт ако сакате побрза подготовка на овој ручек. Исто така успешно ќе ви излезе, а и вкусот е одличен. При пржење на кромидот и морковот искористив масло (во овој случај свинска маст) во кое се пржеа ќофтињата.