Го сакате ли мирисот на есенски колач во вашиот дом? Повелете рецепт, богат со тиква, ореви, мирисни зачини, сочен и вкусен.

Подготовка
1. Јајцата ги матиме со шеќерите, пенасто, да се волуменизираат и побелат. Го додаваме маслото.
2. Ги додаваме сувите состојки, брашно, сол, пециво, сода бикарбона и зачините, соединуваме.
3. Ја додаваме ренданата тиква заедно со оревите и сувото грозје, мешаме со лажица до соединување.
4. Целата смеса ја распоредуваме во голема ростер тава намрсена и набрашнета.
5. Печеме во загреана рерна на 170 степени со вентилатор околу 50 минути. Го оставаме да подизлади.
6. Тиквата за фил ја ставаме во тенџере заедно со шеќерот и околу 50 мл вода да ни се свари. Прашокот за пудинг го соединуваме со млекото.
7. Со помош на рачен блендер варената тиква ја блендираме директно во тенџерето. Го додаваме млекото со пудинзите и интензивно мешаме до згуснување на целата смеса. Путерот го ставаме на крај, мешаме додека да се растопи.
8. Малку да излади и го распоредуваме филот врз колачот.

Забелешка
Пробајте со дрвена чепкалка дали е печен, ако е печен треба да излезе сува чепкалката.
Мерките за тиква се за веќе исчистена и излупена тиква.
Колачот веќе беше млак, а и филот го почекав малку да излади и тогаш го распоредив врз печениот колач.
Кога решив да го подготвам рецептов и го обмислив филот сметав дека во залихите имам пудинзи од ванила, ама кога требаше да го растворам пудингот заклучив дека имам само од банана. Затоа и пишувам што сум ставила точно, ама и поради позитивните критики т.е. комплименти кои ги доби овој превкусен колач.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани