Сите дома си ги сакаме маслинките и минатата година ги направив вака еве и годинава, па решив да го поделам со вас рецептот може на некого ќе му добродојде. Свежите маслинки измијте ги со вода и секоја маслинка удрете ја со чекан за месо да напукне по малку. Пред да почнете да ги удрирате маслинките постелете некој стар чаршав, затоа што кај ќе ви прсне таму ќе ви останат црни точки.
Удрените маслинки ставете ги во голем лонец и ставете вода да ги прекрие маслинките. Мене ми беше потребно 10 л вода. Покријте ги со капак и оставете ги така да стојат 24 саати. По 24 саати измијте ги и сменете им ја водата. Повторувајте ја постапката наредните 9 дена. Секој ден ставајте иста количина вода. По 9 дена исцедете ја таа вода и префрлете ги маслинките во друг сад, само гледајте што помалку да ги допирате со рацете. Во сад ставете вода исто колку што сте ставале да стојат и претходните денови и солта и оставете да зоврие, кога ќе зоврие водата тргнете ја настрана и ставете ги маслинките во жешката вода. Оставете ги на ладно 24 саати и потоа соберете ги во тегли. По 10 дена маслинките се спремни за јадење. Пред да ги јадеме јас ги вадам од водата во која стојат и им ставам малку сецкано лукче малку магдонос и ги попрскувам со маслиново масло...

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови