Како му го фатив редот на лепчево, ептен меко, сунѓересто, а и децава многу ми го сакаат.

Подготовка
Ќе ви објаснам два начина за подготовка на ова лепче, во апарат за месење и без апарат, рачно, а може и со миксер.
За да ни биде меко суштината се состои во тоа да два пати се размесува.
Значи сите суви состојки ги ставаме во еден сад и со млаката вода замесуваме меко тесто. Го оставаме да стаса, па го размесуваме. Го оставаме повторно да стаса, да ни се дуплира, го размесуваме на брашно, ама само колку да формираме две векни. Векните ги формирам така што го расплескувам тестото па формирам ролат. Ги ставаме во набрашнета тава и ја вклучуваме рерната на 200 степени да ни се загрее. За тоа време ќе ни стаса и лепчето е таман за печење.
Го печеме додека да добие кафеава коричка.
Откако ќе се испече, го премачкуваме со вода, го ставаме на решетка и го покриваме со чиста крпа. Месењето треба да трае околу 10 минути рачно, а ако го замесувате со миксер може и пократко до соединување.

Инаку вториот начин, на кој му го фатив редот е во апаратот за печење леб, само што не го користам за печење, само за месење, а лебот си го печам во рерна. Вака е затоа што подготвувам секој пат поголема количина на леб која не може да се испече во апаратот за печење.
Значи сите состојки во оваа напишана количина ги ставаме во садот за месење и го вклучувам апаратот на програма за месење и стасување. Бидејќи се работи со дупла количина на состојки, 30 минути пред да заврши со работа апаратот, го вадам тестото на набрашнета површина, правам две векни, ги ставам на хартија за печење или набрашнето тавче и ги оставам да стасаат додека ја загревам рерната на 200 степени. Штом се загрее рерната, го печам лебот околу 25-30 минути, во зависност како ви пече рерната или да добие убава кафеава боја.

Значи го експлоатирам и малтретирам апаратот за леб до максимум....=) Му го фатив редот и секојдневно, како ќе се изеде лепчево, така веднаш ставам состојки и машинчево си го меси, си го стасува, си го меси, си го стасува...Може има мака, ама времето ќе покаже ...=)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани