Кога ќе се никнат доматите во Буковската градина и кога не можеш да изедеш колку што таа ти дава, тогаш, од доматите ќе си направиш домата. За оваа домата користев меки домати, јабучари, од чисто семе, непрскани органски домати, за мерак. Мерки не користев, се е правено од око и по вкус.

Подготовка:
1. Доматите се мијат и се сечат на половини и четвртини и се ставаат во машината за мелење и таа си ја брка понатаму работата. Лесно ко кекс. Добиениот сок нека ви тече директно во поголемо тенџере.
2. Потоа ставете го тенџерето на рингла. Кога доматата ќе почне да вари, отстранете ја пената што ќе се создава. Кога нема да има повеќе пена, додадете по желба малку сол, сечкан магдонос, сечкано лукче и сечкан кромид. Сето тоа е по желба, јас некогаш ставам, некогаш ништо не додадавам. Вкупното време на варење е околу 20 минути.
3. Жешката домата приберете ја во жешки тегли и добро затворете ги капаците. Кога ќе се оладат, приберете ги теглите во фрижидер.
На здравје.

* Доматата потоа си ја користам за секакви сосови и манџи.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови