Бисквит торта со 2 фила и овошје
Конечно си го пронајдов рецептот =)
Осмислен/измислен додека пазарував состојки во маркет (одите од полица до полица разгледувате што има и смислувате рецепт =))).
Тортата си ја подготвив за 27от роденден (пред 2 и нешто години), имав голем мерак да биде украсена со фондан, па на интернет пронајдов видео рецепт за подготовка и го искористив. Истиот оној што Маргарита го презентираше пред некој ден со таа разлика што користев глицерин место маргарин.
Тортата е многу едноставна и лесна за подготовка, а количините зависат за колку лица подготвувате.
1. Во 2 сада на оган ставете ги млекото и шеќерот да се варат. Во едниот додадете го и чоколадото, а во другиот ванилата. Во малку млеко кое претходно ќе го одвоите растворете ги пудинзите. Кога млекото ќе зоврие додадете ги и мешајте додека убаво не се згусне и оставете целосно да се изладат.
2. Во сад за матење ставете ги путерот и шеќерот во прав и пенесто изматете. Додадете го чоколадниот пудинг и продолжете со матење додека добиете крем. Истото направете го и со ванила кремот.
3. Калапот во кој ќе редите обложете го целосно со најлонска фолија. На дното ставете малку од ванила кремот и убаво распоредете. Потоа наредете ред бисквити претходно натопени во млеко, ставете половина од ванила кремот, па наредете ред банани исечени на крукчиња и од горе целиот ванила крем.
Повторно ред бисквити, па половина од чоколадниот крем, ред вишни (убаво исцедени) и преостанатиот крем. Завршете со ред бисквити и ставете во фрижидер за убаво да се стегне.
4. Извадете ја тортатата од калапот и отстранете ја фолијата. Можете да декорирате по желба.
Како што кажав имав желба тоа да биде со фондан, па така и бидна. Од фонданот се развлекува кора поголема од тортата и убаво се покрива и рамни од сите страни. Крајчињата кои ќе ги исечете измесете ги со рака и додадете боја по желба, па направете си форми и завршете ја декорацијата.
Добар апетит =)
Лиценца: Сите права се задржани
Иако е стар рецептот сепак сакав да го споделам со вас. Во однос на структурата, тортата иако беше со бисквити немав проблем околу фонданот, а и малку потенко беше развлечена кората па издржа тортата :)