Во еден неврзан муабет со мојата пријателка Магде во кој се разговараше и за плановите во тој неработен ден, од нејзе добив предлог да подготвам ,,ѓулбастије“. Бидејќи ги имав сите состојки, а рецептот ми се виде баш мераклиски, решив да го подготвам и не погрешив. Ова е ручек кој количински ги задоволува потребите на едно повеќечлено семејство како нашето. Особено вкусен, па препорака ми е да си го подготвите и по потреба да си намалите или зголемите состојки. Го подготвував по пој вкус и состојки по мој избор, а вие прилагодете по ваш.

Подготовка
Компирот и кромидот ги лупиме и ги рендаме во садот во кој сме го ставиле меленото месо. Лукчето ситно го сечкаме или рендаме, ги додаваме јајцето, брашното и зачините. Соединуваме смеса и од неа правиме ѓулбастии односно плескавички, ќофтиња или сл. Ги пржиме во загреано масло од двете страни да ни фатат тенка коричка, ги редиме во тавата во која ќе ги печеме. На маслото во кое сме ги пржеле ставаме брашно и кратко на средна температура го пропржуваме, па додаваме млеко. Промешуваме и вариме до згуснување. На крајот го додаваме и јогуртот и зачините. Врз ќофтињата истураме половина од бешамел смесата, ренаме кашкавал па пак залеваме со смесата. Наросуваме буковец, ставаме капакна тавата и печеме околу 25 инути на 220 степени, потоа го вадиме капакот и печеме околу 10 минути. Оставаме да излади и сервираме.

Забелешка
Составот на месото е по ваш избор.За пржење на ќофте/плескавичките, јас лично користев свинска маст, а истата маст во која се пржеа ја искористив за бешамел сосот(не целото колчество). Во рецептот не маше толку многу зачини, беше поедноставен, а и се користеше павлака за готвење, а не јогурт. Тоа се тие измени и прилагодувања што си ги направив при подготовката, по мој вкус.Користев гауда кашкавал за рендање, вие по ваш вкус, може и пармезан, ементалер и сл. Кашкавалот можете да го нарендате и во бешамелот, при крај на подготовката, па комлет да ги залиете ќофтињата т.е. ѓулбастиите.