Ова макало е кумановско традиционално јадење и е подготвено „с’с кумановску траву„ односно праз. Најчесто го подготвувам со компири, ама подеднакво ми е вкусно и со варен грав. По вкус му се додава и толчено лукче кое му дава посебен шмек на јадењево. Ако случајно го подготвите, па и пиперките ви се погодат лути подгответе си резерви на леб, затоа што нема засит од бабинава вкусотија.

Подготовка
1. Компирите заедно со пиперките ги ставаме да се сварат.
2. Компирите ги лупиме, а на пиперките им ги отстрануваме дршките и ако имаат многу семки и тие ги тргаме.
3. Празот ситно го сечкаме. Ги толчиме пиперките, па го толчиме празот со сол.
5. Двете смеси ги соединуваме па ги додаваме компирите. И нив ги толчиме и ги гмечиме за да се направи една компактна смеса. Додека го правиме ова постепено додаваме масло. Маслото што го ставаме е по вкус и зависи и од компирот, тој колку ќе прими масло.
Оставете ја подготвената смеса да се соедини и да ги прими вкусовите, па уживајте во ова посно јадење.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани