Подготовка

1. Најпрво се подготвува пандишпанот. Се двојат жолчките од белките и жолчките се матат со шеќерот за да се направи крем. Потоа се додава пасираната диња, маслото, кората и сокот од половина портокал и повторно се мати.

2. Брашното се меша со пецивото и се додава на смесата.

3. Белките се матат одделно со прстофат сол и една лажица сок од лимон додека не станат цврсти и полека и тие се додаваат во горната смеса.

4. Смесата се става во подмачкан калап и се пече на 180Ц околу 40-50мин. зависно од рерната. Ако почне површината да потемнува, покријте со алуминиумска фолија и допечете.

5. За тоа време направете го кремот. Кокосовото млеко ставете го да се загрее, да биде врело. На страна измешајте го густинот и шеќерот и додадете го обичното млеко за да се поврзе смесата и да нема грутчиња. Потоа преку цедалка сипувајте ја смесата во врелото млеко со постојано мешање. Варете го кремот на најслаб оган додека не се згусне (треба да биде погуст отколку пудинг).

6. Во готовиот крем додадете го белото чоколадо, екстрактот од ванила, измешајте убаво и на крај додадете го кокосот. Оставете го кремот да се олади (јас го ставам во сад со ладна вода и го ладам мешајќи, некако ми се чини дека така има покремаста структура, отколку да го оставам да се здрви па после да го мешам). Потоа ставете го во фрижидер убаво да се излади.

7. Слатката павлака се мати за да се добие густ крем и полека се додава во кремот од кокос за да се добие убава лесна крема.

8. Пандишпанот се дели на два дела. Врз првиот дел се ставаат неколку лажици од кремот, се додава сецканата диња, повторно неколку лажици крем, вториот дел и целата торта се премачкува со кремот.

9. Се украсува по вкус, кај мене со сецкани бадеми, топчиња диња, парчиња портокал, листови мента.

Тестото е многу убаво и меко и одлично се надополнува со лесниот крем од кокос и парченцата диња. Кога ќе се олади убаво наредниот ден и кремот ќе го навлажни тестото има вкус на сладолед торта.
Јас не сакам многу шеќер и мене оваа количина на шеќер во кремот ми беше доволна. Вие пробајте по вкус и ако сакате додадете повеќе.
Слатката павлака додавајте ја внимателно, во зависност од тоа колку густ крем од кокос претходно сте добиле.

На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани