Не постои човек на оваа наша планета кој не е заљубен, не верувам дека постои човек во кој нема љубов, но верувам дека не постои граница за различноста на таа љубов. Колку и да е различна сепак Љубовта е во секој од нас.
Повелете срца од мене направени со голема љубов и подарени со уште поголема љубов. Не престанувајте да сакате.

1. Шеќерот, маслото, пецивото, ванилин шеќер и сусамот се меша во голем сад да се добие хомогена смеса.
2. Се додава брашното постепено се додека не добиеме тесто кое ќе можиме да го месиме.
3. Се меси тесто и ако има потреба се додава уште брашно колку да не ни се лепи на работната површина.
4. Со помош на сукало се меси кора која не треба да биде подебела од 1 см.
5. Со помош на модла во вид на срце се сечат срциња и се редат на плех обложен со хартија за печење
6. Срцињата се печат во загреана рерна 10 мин на 180 степени.
7. Се редат на рамна површина и се оставаат целосно да оладат.
8. Во меѓувреме се подготвува глазурата.

Црвена глазура
Во длабок сад се става белката и црвената боја и се мати со помош на миксер, па се додава лимонот и шеќерот. Глазурата не треба да биде многу густа бидејќи со неа се обојува врз целото срце и треба малку да се разлева, но не многу течна. Обично јас тоа го одредувам од око. Ако е многу течна се додава уште малку шеќер во прав. Глазурата се става во шприц со тесен врв или во кесичка на која малку се одсекува крајот (ќошето на кесичката), а горниот дел на кесичката се врзува. Најпрво се почнува со нанесување на глазурата по рабовите, а потоа се пополнува целата внатрешност на срцето се додека глазурата убаво не се распореди по целата површина. Вака набоените срциња се оставаат да се исушат се додека глазурата не стане цврста.
Белата глазура се прави на истиот начин како и црвената само без црвена боја и треба да биде погуста за да може да се цртаат ситни фигури, букви или броеви по ваш избор. Се става во шприц или кесичка и се црта. Од белата глазура ќе ви остане, но во фрижидер на ладење може да се чува десетина дена, па може да се искористи за други колачиња.
Кај дополнителните фотографии има приказ на обратна варијанта на бои. Бела основа нацртана со црвена боја.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови