Верувам дека сте јаделе кофтенца во Икеа. По повеќекратно експериментирање дојдов до оваа варијанта на она што син ми сака да го јаде во нивниот ресторан.

За подготовка на кофтенцата
Во еден мал сад ставете ги снегулките за инстант пире, додајте ја врелата вода и млекото, измешајте и оставете да отстои.
Загрејте ја рерната на 200 Ц. На плехот од шпоретот ставете хартија за печење.
Помешајте ги сите состојки за ќофтенцата во компактна смеса и правете мали кофтенца со влажни дланки. Површината нека им биде сосема мазна за да не испукаат во печењето. Од оваа количина состојки, јас правам 24 кофтенца. Наредете ги на плехот, попрскајте со малку масло и ставете ги да се печат додека не добијат убава боја.

За подготовка на медаљоните од зеленчук
Компирите исечете ги на мали коцки и ставете ги да се варат во посолена зовриена вода. Цветчињата брокула обарете ги во посолена зовриена вода. На малку путер пропржете го ситно исецканиот бел дел од празот, малку да омекне и стане стаклест. Во еден поголем сад ставете ги исцедените компир и брокула, испржениот праз и грубо пропасирајте ја смесата. Додајте ги сите останати состојки, измешајте.
Намастете калап за 12 средно големи мафини. Распоредете ја смесата за медаљоните во висина околу 2 цм. Не ја притискајте премногу, ќе ви дојдат стегнати медаљоните. Ставете одозгора по една мала коцкичка путер и печете ги во загреана рерна на 200 Ц додека да добијат убава боја.

За подготовка на сосот
Во мал сад растопете го путерот и запржете го брашното мешајки на среден оган да добие малку боја. Мешајки додајте половина од водата, павлаката и коцката за супа. Јас мешам секогаш со жица од страв да не ми се направат грутчиња. По потреба додавајте вода да добиете сос со густина по ваша желба. Дотерајте го вкусот со малку сенф, сол, бибер и копар.
Послужете....

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани