Рустичен леб со лен и маслинки
Верзија плус за домашно здраво лепче.
Пред да започне процесот на правењето на самото лепче, маслинките исечкајте ги, а лененото семе се става во блендер, половично да се исситни. Половината од коцка квасец се зафаќа вообичаено со малку вода, брашно, шеќер, се чека некое време да се активира т.е. да надојди.
Настрана во сад, се става просеано брашното, сол, семките од лен, маслото, стасан квасецот и со постепено месење се додава водата, се образува меко тесто кое добро треба да се измеси. Се остава да надојди 40-тина мин.
На побрашнета површина се излева стасаното тесто, се образува правоаголна форма и врз неа се нанесуваат маслинките, заролајте и образувајте векничка.
Во садот каде ќе се печи се посипува брашно, се става векната, се прават неколку подлабоки резови и се остава да стаса по втор пат.
Ја пуштаме рерната да се загрева на 200 и истовремено го ставаме и лепчето внатре, кога достигне 200 степени, се намалува на 175 и така се допекува ...севкупно некои 45 мин. Доколку имате јака рерна прекријте одозгора со хартија за печење веднаш кога се запечи. Топлото лепче ќе е целото набрашнето, слободно отстранете го вишокот брашно со четче, завиткајте го лебот со платнена крпа додека не се излади, резултатот е одличен, прекрасна крцкава коричка и ронлива внатрешност.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови