Пченкарен леб со компири
Се варат компирите, а потоа се лупат и пасираат. Во помал сад се става малку брашно, шеќер, квасец и се меша со вода. Се остава да стаса на топло. Во сад за мешање се става пченкарното брашно, ‘ржаното или обичното брашно, се мешаат и се додава сол. Потоа се додаваат испасираните компири и квасецот и сè се меша заедно. Тестото се меси со постепено додавање вода додека не се направи компактна маса и се остава да стаса. Откако ќе стаса се додаваат сецкани маслинки, ким, кориандер, босилек, копар или други зачини по избор и се остава уште еднаш да стаса. Потоа може да го поделите на два дела кој се обликуваат, се посипуваат со малку брашно и се ставаат во набрашнето тавче да се пече на 250 степени четириесетина минути додека не се вцрвени. Треба да се има предвид дека од компирот тестото е полепливо, а има можност да биде и поретко па ќе треба дополнително да се додаде брашно. Лебот е потежок и повлажен од обичниот, но е сосема посен и секако повкусен.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови