Инспирирана од тековниот натпревар на тема италијански рецепти, меѓу другите наидов и на овој рецепт типичен за Северна Италија. Мене лично вкусот многу ме потсети на мојот рецепт за сусамови балончиња , со таа разлика што овие немаат сусам. Како и да е, превкусни беа и слатко си ги изедовме.

Подготовка:
1. Најпрво го активираме квасецот со шеќерот, пола од млекото и 2 лажици од брашното. Потоа замесуваме мазно, нелепливо тесто со додавање на останатите состојки. Тестото го покриваме со стреч фолија и го оставаме да стаса околу 1- 1,5 час. Стасаното тесто со помош на оклагија го расукуваме на работната маса во тенка кора (дебелина околу 3мм).

2. Сечеме форми како баклави (дијаманти) или по желба. Исечените форми се покриваат околу 20-на минути да подстасаат.

3. Ги пржиме во загреано масло, на средна температура. При пржењето прскаме со лажица од врелото масло врз формите за да се надуваат повеќе, па ги превртуваме од другата страна да се допржат. Ги вадиме врз хартиена салфета за да се упие вишокот мрснотија. Ги послужуваме топли.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани