Посни и вкусни празнични, декоративни колачина спремни за дегустирање, а и за поклони за дечиња.
Маргаринот и шеќерот убаво изматете ги со миксер, со маталките за тесто. Потоа додајте го брашното, пецивото, сокот и кората од лимонот и портокалот и водата. Продолжите да матите додека тестото убаво се измеси, изедначи.
Префрлете го на работна маса посипана со брашно и размесете и малку со рака.
Поделете го на два дела.
Едниот дел оставете го така жолт, завиткајте го во најлонска фолија и ставете го во фрижидер околу 1 час.
Во другиот дел додајте го какаото и другите зачини и повторно убаво измесете го да се соединат во тестото. Завиткајте го во најлонска фолија и ставете го во фрижидер околу 1 час.

Прво од жолтото тесто на работната маса посипана со брашно развлечите кора дебела околу 5-6 мм и со калапчина вадите форми по ваша желба.
Ставајте ги да се печат во загреана рерна на 200 степени 10 минути, толку е доволно да останат светли.
Остатоците од тестото премесете ги и правите колачи додека се потроши целото.
Истата постапка повторете ја и со кафеавото тесто.
Јас неколку направив и мали корпиња (се гледаат на сликата).
Со калапче цвет се вади од тестото и се ставаат во мали хартиени корпиња за колачи. Откако ќе се испечат одма им се реди по малку мармалад на средина.

Печените колачина декорирајте ги по ваша желба и замисла.
Некои со стопената чоколада, некои со глазура од шеќер во прав и лимон, со шеќерни трошки и тн.
Од овие колачи направивме и поклончина за деца. По неколку стававме во алуминиумски чинивчина и ги завиткавме со проѕирна фолија и панделка. Навистина беа прерадосни.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани