Ова е тесто за сукана пита со кое никогаш ама никогаш нема да погрешите. Сум правела најразлични зелници, сукано и пити, каде најмногу од се ме нервирал моментот кога кората ќе почне да се кине или не е доволно еластична, за да се истегне доволно на работната маса.

Подготовка:

1. Започнете со подготовката на филот, кој е едноставен како и за секое друго месено со праз. Загрејте масло и додадете го исечканиот праз, а потоа зачинете по желба. Јас особено сакам да има поголема количина на црн бибер зошто фантастично оди со испржениот праз. Кога филот сметате дека е подготвен, тргнете го од оган и започнете со подговотвката на тестото.
2. Ставете точно еден килограм брашно во длабок сад и веднаш додадете сол една лажица и 70-80 мл масло кое е малку загреано. Додавајте млака вода, по потреба или околу 300 мл, за да добиете меко и нелепливо тесто. Запомнете, тестото треба да биде навистина меко.
3. Од оваа смеса може да поделите 5 топчиња од по 200 грама или 3 поголеми, кои ќе ги расукате во округли форми, со големина од 26-28 сентиметри. Корите премачкајте ги обилно со масло и оставете ги така половина час да одморат.
4. На чист чаршав, растегнете ја секоја кора поединечно, наросете ја со масло и со фил по целата површина. Фатете го едниот крај од чаршафот и повлечете, за да се замота кората.Толку е лесно! Можете да ги редите во круг (како на мојата фотографија) или можете да направите помали банички. Пред печење премачкајте ја целата пита со масло. Печете на 200 степени, 25-30 минути.

И да не ве буни, во тестото нема ниту еден грам квасец. А питата е совршенство!
Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови