Оваа погача ја правев за еден убав повод за мој пријател. Правена е со многу мерак и љубов и искрено не знаев како ќе реагира пријателот на дарот, зашто веќе имаме заборавено на традиционалните дарови и на домашно направено. Пријателот беше воодушевен, а откако ја искрши погачата и сите ја пробаа (се работеше за преку 50 луѓе), сите беа воодушевени од вкусот, ми честитаа на крај, а јас бев пресреќна. Па така, со овој рецепт сакав да си честитам еден мал јубилеј на Мои Рецепти.

Подготовка

Растворете го квасецот во топлото млеко со 1 лажица шеќер.

Во вангла, ставете пола од просејаното брашно, додадете сол, сосем малку прашок за печиво, јајцата, маслото, јогуртот и измешајте убаво со миксер. Користете ги маталките за тесто.

Постепено додавајте брашно и продолжете да матите со миксерот.

Кога ќе се згусни многу смесата, почнете да месите со раце. Додадете уште брашно по потреба, јас не мерам и количината е ориентациона.

Замесете убаво меко тесто, нелепливо. Месете околу 10 минути.

Покријте го тестото со крпа или најлон и оставете го на топло да се крева околу 1 час.

После тоа, префрлете го на набрашнета површина, кратко премесете го и поделете го на 8 дела.

Секој дел се раширува со сукало во големина од мала чинија како диск. Наредете 4 кори една врз друга, премачкани со растопен путер. На последната кора не ставајте ништо. Ставете ги кратко во замрзнувач за да се стегни путерот.

Повторете ја постапката и со другите 4 кори. Ставете ги во замрзнувач, а првите 4 извадете ги.

Од првиот дел развлечете кора со сукало како за кифлички. По желба ставете зајре преку цела површина, јас ставив изварка. Замотајте ја кората во ролат.

Отсечете ги краевите и ставете ги на средина, а другиот дел од ролатот се сече како на сликата во форма на триаголници.

Истата постапка повторете ја и со другите 4 кори.

Мојата погача има 3 кругови на средина зашто јас направив 2 погачи, една поголема и една помала, па едниот круг го ставив во втората погача и вишокот од триаголниците.

Јас користев тавче број 26 обложено со хартија за печење и со обрач, но може и поголемо.

Премачкајте со растопен путер, покријте ја добиената погача и оставете на топло место нека се крева околу 1 час. Мојата седеше подолго од 1 час.

Потоа премачкајте ја со разматена жолчка со млеко и посипете со сусам.

Се пече во загреана рерна на 170 степени, ако ви е јака рерната намалете на 150-160 степени. По потреба ставете одозгора хартија за печење ако видите дека пребрзо добива боја.

Се пече додека убаво не зарумени.

Готовата погача се премачкува уште еднаш со растопен путер и се покрива со крпа.

Откако ќе се олади, можи да ја аранжирате и да ја украсите.