Паста „Примавера“
Паста „Примавера“ или Пролетна паста се состои од тестенини прелиени со сос од зеленчук. Зеленчукот кој ќе го употребите зависи од вашиот вкус. Освен зеленчукот кој јас го употребувам може да се додаде и брокула, млад грашок, домати... но ние со тек на време заклучивме дека комбинацијата на овие зеленчуци најмногу ни одговара. Кога има црвени пиперки ги преферирам и поради бојата и поради вкусот. По желба може да ставите и пилешко месо или колбаси, но сепак фокусот е на зелечукот.
1. Тестенините ставете ги да се варат во поголема количина зовриена вода. Може да употребите било која кратка тестенина или шпагети.
2. Морковите исечкајте ги на тркалца (може и на стапчиња, но мене вака ми се поубави), пиперката на 1/4 тенки кругови а тиквичката на стапчиња.
3. Ставете ги да се пржат во тава со малку масло прво морковите. По кратко време додадете ги парчињата пиперка, па потоа и тиквичката. Посолете и побиберете. Битно е дека зеленчукот се пржи кратко време бидејќи не треба да е преварен, туку малку треба да крцка (сосем малку) кога е готов.
4. Кога е готов зеленчукот, исклучете ја ринглата и ставете го путерот и ситно исечканиот магдонос. Промешајте, и сосот е готов.
5. Тестенините исцедете ги, ставете ги во чинии и прелијте ги со сосот. Врз се ставете пармезан или изрендајте некој друг ароматичен кашкавал (нам не ни е по вкус пармезанот).
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани