Правењето на переци, од секогаш ми било предизвик, не е проблем да ги направиш, проблем е да ги погодиш. Перекот мора да има вкус на перек, инаку за џабе е. Кај нас во Битола има една пекара која прави вакви добри переци, оригинални баварски, темни од надвор, а светли од внатре, со заносен мирис и вкус, така што, за мене е чиста среќа и огромна радост што успеав од првпат да ги прекопирам тие переци во мојата кујна и имав среќа да го најдам совршениот рецепт. И нормално, главната состојка за да го погодиш рецептот е што ако не - љубовта и желбата да го направиш!
Јас направив половина доза, затоа има 4 переци на фотографиите, со дел од брашното направив ѓевреци и мини лепчиња.

Подготовка
1.Прво, активирајте го квасецот во млакото млеко заедно со шеќерот. Потоа, додадете сол и млака вода, додадете брашно и вклучете го миксерот со маталките за тесто и месете го тестото неколку минути. Во текот на миксирањето, додадете го и растопениот путер.
2.Откако ќе се соедини тестото, кратко оформете го со рака, ако е многу лепливо, додадете малку брашно и обратно.
3. Оставете го подготвеното тесто на топло место околу 1 час.
4. По 1 час и откако тестото ќе ја удвои големината, префрлете го на набрашнета површина и поделете го на 8 делови.
5. Секој дел оформете го во топка.
6. Потоа земете 1 топка и расукајте ја во долгнавеста форма на јаже долго 40тина см, средниот дел треба да биде подебел, а краевите треба да се истенчат на околу 1 см или помалку.
7. Прво оформете круг со краевите, па извртете ги два пати и на крај преклопете ги на долнаиот дел, притиснете ги во тестото и обликувајте го убаво перекот (види слика).
8. Подготвените переци оставете ги непокриени околу 30 мин на топло место.
По 30 мин доаѓа интересниот дел. Вклучете го фенот за коса и потсушете ја површината на переците неколку минути, овој чекор е битен за текстурата на перекот. Превртете ги од другата страна и продолжете со сушење. Можете исто така да ги ставите на балкон или покрај прозорец каде што е барем малку ветровито.
9. Зовријте ја водата. Од како ќе зоврие, додадете ја сода бикарбоната. Секој перек ставете го во зовриената вода 5-6 секунди. Користете голема решеткаста лажица за да ги вадите.
10. Ставете ги директно на плех обложен со хартија за печење, засечете ги со остар нож во дебелиот долен дел, попрскајте ги со крупна сол и ставете ги да се печат околу 20 минути во претходно загреана рерна на 200 Ц степени додека не добијат убава кафеава боја.
11. По печењето, премачкајте го со малку растопен путер.

Напомена - многу е важно да користите кафеав шеќер, дури и меласа, немојте да ставите обичен бел шеќер. Многу е битно пред да ги ставите во зовриената вода, да имаат малку кора, инаку ќе ви се распаднат во самата вода и содата ќе навлезе и во тестото. Придржувајте се на времето, 5 секунди се сосема доволно, значи само да ги макнете и одма вадете ги надвор.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови