Тетка Маре е мајка на мојата најдобра пријателка. Мекициве се по нејзин рецепт, а најголем комплимент за мене е кога ќе ми рече дека ги правам подобро од неа.
Квасецот го зафаќам со малку шеќер, брашно и млака вода. Кога ќе стаса, го замесувам тестото од сите состојки. Ракијата е многу важна оти помага за да не се полнат многу со масло при пржењето.
Се замесува убаво меко тесто, со од прилика 500мл вода и се остава покриено на топло да стаса. Кога ќе стаса се размесува уште еднаш убаво, да не лепи и пак се остава да стаса. И трет пат го размесуваме убаво. Јас дури и го удирам неколку пати од работната маса. Го оставам назад во ванглата на топло да скисни.
Кога и третиот пат ќе стаса, со мрсни раце кинам од тестото, формирам мекици и ги оставам на намрсена работна маса.
Во тенџере на рингла го загревам маслото. За тоа време и мекиците уште еднаш на работната маса скиснуваат.
Ги земам една по една и ги ставам во масло, со горната страна кон дното. Ги пржам на умерена температура за да не потемнат многу, таман да имаат „медова“ боја.
Ги јадеме најчесто со сирење овчо старо, пипер буковска и јогурт.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови