Одлична салата за постите кои се во тек. Овие пости по Православен типик имаат повеќе денови во кои може да се јаде масло, а тука се и славите, така да мислам дека мајонезов ќе биде добредојден во секоја комбинација.

Подготовка на мајонезот

Водата ја ставаме да почне да врие, па го додаваме брашното. Мешаме со рачна маталка околу една минута. Смесата ја тргаме на страна да се лади, па ја ставаме во сад во кој ќе го матиме мајонезот. Со миксерот почнуваме да матиме и да додаваме масло (зејтин). Количеството на масло на секое додавање треба да биде постепено и околу една до две лажица. Значи се прави како секој домашен мајонез. При крајот, кога видливо ќе се згусне и зголеми количината, додаваме лимонов сок, сенф и другите зачини. Мајонезот ни е готов.

Сварените компири и моркови, како и краставичките, ги сечкаме на ситни коцки. Го додаваме останатиот зеленчук и мајонезот, зачинуваме и....Салатата е готова.
Со лесно постите!

Забелешка
Понекогаш, за да добијам во време, компирите ги рендам. Салатата е украсена со ,,купечки,, посен мајонез (заборавив да си оставам малку од направениот).

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови