Тиквицата се лупи и се сече на долги тенки лентички. Најубаво тоа се постигнува со ноже за лупење компир. Лентичките се редат во чинија, се посолуваат и побиберуваат и се оставаат да одседат додека се подготви другиот зарзават.
Компирчињата се лупат и се ставаат да зовријат околу 5 минути колку да може да се наредат на раженчињата. Младите компирчиња најубаво се лупат под млаз млака вода-дури не мора да се корист нож туку со чист сунгер или крпа само убаво да се истријат.
Виршлите се сечат на тркалца, кромидот на осминки, пиперките на пошироки тркала, а доматите на осминки (околу 3 домати)
Во тава каде што ќе се печат или во ростер се реди еден ред домати исечени на тркала, се посолуваат и се наросуваат со магдонос и малку целер. Над доматите се редат раженчињата.
Раженчињата се редат по желба на домашните.
Тиквичките од како ќе испуштат од течноста се заролуваат и така како ролнички се редат на раженчињата. Се реди по желба или вкус на домашните компирче, тиквичка, кромид, пиперка, виршла, домат...
Од како ќе се наредат раженчињата остатокот од зарзаватот се реди во ростерот се наросува со сол и магдонос и се залева со зејтин, па се покрива со фолија и се става на печење. Се пече околу 30 минути со фолија на 220 степени и после околу 15 минути без фолија.

Оваа тава е подготвена на овој начин со раженчиња за да биде поинтересна за дечињата и некако да ги натераме да внесуваат повеќе зеленчук во исхраната, дури за да им биде повкусно може да учествуваат во редењето на раженчињата и секој да си нареди по желба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Без адаптирани дела