Лепеза од модар патлиџан
Овој рецепт го видов на еден блог за храна пред неколку години и си го спремам еднаш годишно само за моја душа. Другиот член на семејството само кружи околу мене кога го спремам и вика „ааа, ова само за сликање“, ама не пробува... А не можам да му објаснам колку многу пропушта...
Модриот патлиџан исечете го на тенки ленти (околу 4-5 мм) по должина, ама не до крај. Дршката оставете ја, таа ќе има улога да ги држи деловите на лепезата. Секоја од лентите посолете ја и намачкајте ја со маслото.
Доматите исечете ги на тенки кругови или полукругови, зависи каков модар п. користите. Мојот беше од тие тенките, па беа полукругови. Лукот исечете го на многу тенки ливчиња, сирењето издробете го, а магдоносот ситно исечкајте го.
Модриот патлиџан ставете го на намастено тавче и разлистајте го да личи на лепеза. Измеѓу секој дел ставете кришки од доматот, парчиња лук, сирење и магдонос. Уште еднаш притиснете го за да се разлиста уште повеќе. Одозгора ставете уште малку масло и потоа во загреана рерна.
Се пече на 200 степени околу 45-60 минути, зависи од големината на модриот патлиџан, се додека не испари течноста која ќе ја пушти.
Може да го јадете само или како прилог, а убаво е и кога ќе се излади.
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани
Прекрасно.Секоја домаќинка да проба,препорачувам!!!
Ние дека постиме го направив со растителен кашкавал,но подеднакво одлично на вкус.
Честитки за РД