Кростата со фил од малини (посно)
И посното може да биде вкусно, лично, декоративно, празнично.....-))
Најпрво се подготвува кростатата.
Во сад за матење ставете го маргаринот и шеќерот и со маталките за тесто убаво изматете ги. Додајте го брашното, пецивото, лимонот, портокалот и водата и продолжите да матите да се изедначи тестото.
Тестото префрлете го на набрашнета површина, премесете го, соберете го во топка и завиткано во најлонска фолија оставете го во фрижидер околу 1 час.
Од тестото земете дел и развлечите кора од 4-5 мм и со ѕвезда калапче направите 10-12 колачи за декорација на кростатата, а и за проба на колачите -) и оставете ги на страна.
Останатото цело тесто соберете го, премесете го и од него направите кора поголема (колку 2 прсти) од калапот за кростата (тарт) бр.28. По можност со вдлабнати ѕидови за кога ќе биде печена да се преврти и да се наполни со филот.
Калапот малку намачкајте го со масло и набрашнете го. Ставете ја кората и убаво израмнете ја по ѕидовите од калапот. Дното избоцкајте го со вилушка.
Ставете ја да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 степени да добие светло кремаста боја. Потоа оставете ја малку да подолади и превртете ја на соодветна чинија за сервирање.
Во посебна тава испечете ги и колачите околу 10 мин, да останат светли. Сега подгответе го филот.
Подготовка на филот.
Малините претходно одмрзнете ги целосно и изблендирајте ги со блендер, ќе се добие каша. Потоа низ сито со лажица гмечете ги додека се одвои целото пире од семките. На крај со мал дел од водата оплакнете ги.
Во добиеното чисто пире додајте го шеќерот и пудинзите и мешајте ги да се растворат да нема грутчина.
Водата ставете ја да зоврие. Додајте ја смесата од малини и со постојано мешање варете го пудингот да се згусти некои 3-4 минути, откако ќе зоврие.
Тргнете го од огнот и одма истурете го над кората. Оставете го да олади неколу часа а најдобро преку ноќ.
Готовата кростата на средината украсете ја со ѕвездите колачи извалкани во шеќер во прав така што ќе ставите на врвот од секое или секое второ парче и листови нане.
Забелешка
Јас користев тава за кростата со вдлабнати ѕидови и кога е превртив средината е наполнав со филот.
Но може да се користи и тава со рамно дно само при печењето да се стави хартија за печење си зрна грав или едноставно кората да се стави само на дното.
Во овој случај филот се става така одозгора на кората.
Лиценца: Сите права се задржани