Крингел – естонско пециво
Пециво или леб, солен, а може и благ, со специфичен облик, таков е овој деликатес кој се подготвува во Естонија. Се полни по желба, а крајната форма може да е кружна, осмица, чвор, полжав или слично. Јас го оставив во претпоследната фаза, така ми беше симпатично, а и необичната техника на засекување мислам дека повеќе доаѓа до израз вака, како украсен леб.
Подготовка
1. Растопете го квасецот во млако млеко заедно со шеќерот. Во брашното додадете ги растопениот квасец, млекото, жолчката, јајцето, растопениот путер и солта и замесете мазно тесто. Оставете го да се дуплира, да стаса.
2. На набрашнетата работна маса ставете го тестото. Доколку сакате можете да направите едно пециво, а јас во случајов направив две. Премесето го и расукајте го во правоаголна форма со дебелина од 1 см (кај мене беше малку подебелко).
3. Нарендајте го кашкавалот, потапкајте го со рака за да се залепи и посипете го со ориганото.
4. Завиткајте го како ролат и пресечете го по должина, а на едниот крај нека не биде пресечено. Двата крака увртете ги еден во друг, па спојте ги на краевите. Јас дотука го направив, а вие ако сакате формирајте венец или круг, полжав, осмица или слично.
5. Оставете го ½ час да стаса, а вие почнете да ја загревате рерната на 200 степени.
6. Печете околу 30 минути или додека да добие златно црвена боја.
Забелешка
Ориганото можете и да го исклучите, а може да си додадете зачин по желба. Слатката варијанта е по желба, со лешници, ореви, афион, шеќер и сл.
Лиценца: Сите права се задржани