Ова е едно од најмеките пецива што ги подготвувам во мојата кујна. Интересно е виткањето, декоративни се и несекојдневни. Претставуваа голема радост за децата и при нивната подготовка, затоа што и тие земаа активно учество.

Подготовка
1. Од сите состојки за тесто со млакото млеко, замесете средно меко тесто кое ќе го умесите убаво. Оставете го да се дуплира , да стаса, па размесете го. Оставете го повторно да стаса.
2. Откако по втор пат ќе стаса, ставете го на работната површина, едноставно истурете го и поминете го со оклагија или сукало (не го месете). Измазнете ја целата површина и нека тестото ви биде со дебелина од околу 8-10 мм.
3. Лукчете добро истолчете го со сол, мазно да биде и промешајте го со стопениот путер кој ни е подизладен. Со овој премаз намачкајте го целото тесто.
4. Посипете со сушениот спанаќ па сечете тенки лентички со нож за пица. Од секое лентиче виткајте клопче и редете го во намрсен плех или калап за мафини. Премачкајте ги со разматено јајце.
5. Откако сите ќе ги наредите и направите вклучете ја рерната на 220 степени. Кога ќе биде загреана можете да ги ставите и пецивава да се печат. Печете до поцрвенување, некои 10-15 минути, а тоа зависи и од рерната.

Забелешка
Можете во тестото и да не ставите пармезан, мене ми имаат поубав шмек така или пак нарендајте малку сирење.
Го сакам сушениот спанаќ и често го користам. Од еден килограм свеж спанаќ излегува околу 50 гр сушен, го купувам готово исушен. Произволна е мерката ставена за него во состојки. На повеќе наврати ставав и не знам колку точно потрошив. Важно е дека целата површина на тесто треба да биде покриена со спанаќ. Ако немате спанаќ, а го сакате вкусот на магдонос, може да ставите и сушен магдонос зошто и тој одлично оди со вкусот на лук.
Инаку ние лукот многу го сакаме и го користиме многу често и во свежа и во зготвена состојба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани