Кифлички со млеко и афион
Виршлите исечете ги по должина на 4 дела, по ширина на 3. Ако користите шунка изрендајте ја или по вкус. Сирењето исто така рендајте го на едрата страна на рендето. Квасецот растворете го во мал дел од топлото млеко. Маргаринот растопете го и оставете го малку да истине. Брашното просејте го и во него ставете го афионот и добро промешајте. Заедно со останатите состојки за тестото замесете средно меко тесто. Оставете го тестото добро да стаса околу 30 минути. Кога е стасано поделете го на 4 еднакви дела.
Кифличките овој пат ги завиткував на 3 начини. Од едниот дел од тестото расукајте правоаголна кора во должина 45, ширина 21 цм. Поделете ја кората на 15 дела ( 3 реда по 5 мали правоаголници со димензии 9 цм должина и 7 цм ширина,како што се гледа на сликата)
На почетокот ставете од филот и превиткајте со тестото нагоре на 2,5 цм. Остатокот од тестото засечете го дијагонално од двете страни, не до крајот околу 1/2 цм до преклопот со филот. Засечените краеви свртете ги надолу врз делот со филот. Кифлите редете ги во подмачкани плекчиња со маргарин и посипени со малку сол.
Од другото тесто расукајте кружна кора дебелина околу 3 мм. Поделете ја на 16 еднакви дела и почнувајки од широкиот дел на тестото паралелно со формата на триаголното тесто засечете со нож на 2 цм од завршетокот на врвот на тестото не до крајот. Ставете од сирењето и замотајте го тестото развлекувајки го со едната рака до пола на тестото, потоа пак влечејки го тестото свртете ја кифлата полека спирално и замотајте ја до крајот.
Од третото тесто расукајте кружна кора и поделете ја на 12 еднакви дела. Од широката страна на еднакво растојание од двете страни со нож направете засек во форма на икс, врз него ставете фил и замотајте кифла истовремено теглејки го тестото со едната рака.
За четвртото тесто повторете ја постапката како со третото или по вкус .Кога ќе нараснат кифлите премачкајте ги со жолчката и зејтинот, посолете ги со малку сол и посипете ги со афион. Печете ги кифлите на 180 до 200 степени околу 35 минути или додека не добијат жолто црвена боја. Кога се испечени кифличките покријте ги убаво да истинат и добро да омекнат.
И ова мое тесто го правев од око, испадна многу меко и еластично, затоа слободно ви препорачувам да го пробате. Се надевам убаво ќе се заситите со овие меки вкусни кифлички. Пријатен апетит.
Лиценца: Сите права се задржани