Зимска пита со вишни
Си го чував рецептов некое време, баш дека е зимска питава викам ај да е автентична за периодов. Инаку ова е една старинска месена пита со феноменален вкус. И само обичен мармалад да ставите како фил и така е многу убава. И кога се прави со свинска маст и кога се прави со маргарин подеднакво е вкусна. Јас овој пат ја правев со маст и постапката оди вака
Во подлабок сад за матење ставаме една убаво полна лажица свинска маст. Јајцата ги кршиме и ги делиме белките од жолчките. Жолчките ги додаваме во садот за матење. Додаваме и шеќер и со миксер ја матиме смесата. Потоа се додава сок од еден исцеден лимон, млеко и половина пециво. Во друг сад на страна се матат белките во цврст снег и изматените белки се додаваат кај другите состојки. На крај доаѓа брашното. Во оригиналниот рецепт не пишуваше колку точно брашно- додека не се добие не многу тврдо тесто јас мерев околу 350-400 грама( зависи од големината на јајцата). Се замесува убаво хомогено тесто кое се дели на два дела
На намрсена и набрашнета тава се развлекува првата половина од тестото. Се боцка на неколку места со виљушка. Врз неа се нанесуваат вишните, се посипуваат со кршени ореви по желба и неколку лажици шеќер во прав.Врз нив се развлекува втората половина од тестото. Притоа се внимава долната кора малку да е поголема од тавата за со неа да може да се затвори питата за да не истече филот при печење. Питата се премачкува со изматена жолчка и се пече на 180-200 степени (зависно од јачината на рерната) 20-тина минути
Зимата може да е уште поубава со вакви вкусни убавини...На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови