Мерките во рецептов се однесуваат на веќе исчистен зеленчук.
Исечкајте го на покрупни парчиња и ставете го заедно со зачините во мултипрактик па измиксајте. Зеленчукот треба да е многу ситно исечкан. Измешајте со солта и распоредете го во плех на хартија за печење и ставете во загреана рерна на 80 степени на опција вентилатор да се суши околу 6-8 часа (евентуално и подолго). Првите два часа оставете ја вратата од рерната малку подотворена (најдобро ставете дрвена лажица) за да излегува пареата што ќе се направи при сушењето. Повремено промешувајте за подеднакво да се суши зеленчукот. Последните два часа можете да ја зголемите температурата на рерната на 100 степени. Зеленчукот е сув кога при мешање ќе почне да „шушка“. Оставете да се излади и по желба измелете го во мултипрактикот.

Напомена
Комбинацијата на зеленчук и зачини може секако сами да си ја направите по вкус, важно е да го запазите соодносот на сол и количината на зеленчук и зачини, односно на 1кг. зеленчук се става 100гр. сол. Сушењето не мора да биде во рерна, во топли и сончеви денови може секако и надвор да сушите.
Не мерев колкава количина на зачин добив, но наполнив две мали теглички, или онака од око би рекла некаде околу 250гр. зачин. Дозирањето одредете си го сами, сепак тоа зависи од вкус, но ете јас би рекла 1 - 1,5 лажица на 1л. течност е доволно.

Совет плус:
Од зачините обавезно ставете ја крбулицата и селен растението, ова второво му дава мирис и вкус како кај познатите коцки за супа.