Гравче тавче со коприви
Гравот го ставаме во тенџере со вода колку да го облие. Откако ќе проврие неколку минути преку цедалка ја фрламе првата вода. Гравот го ставаме да се вари заедно со стариот кромид и вода колку што е потребно, по потреба доливаме.
Кога гравот е доволно сварен и зрното омекнато, но не премногу бидејки ќе се довари во рерна, го тргаме настрана.
Копривите ги миеме во неколку води и додека се вари гравот ги провриваме и нив околу 15 минути. Ги цедиме во цедалка и пуштаме млаз студена вода или чекаме да истине и со рацете ја истиснуваме водата. Ги сецкаме ситно.
Од зејтинот тргаме околу 5 лажици за потпршката со брашното ( ако сакате не мора да ставате брашно можете само со врел зејтин и црвен пипер да го полиете гравот пред да го ставите во рерна ) зависи од вкусот, а со остатокот го запржуваме младиот кромид ситно сецкан додека малку порумени.
Потоа ги додаваме копривите и промешуваме постојано неколку минути. Брашното го ставаме во зејтинот и го пржиме сосема малку да зарумени и го додаваме црвениот пипер.
Во земјена тава или огноотпорно плекче ги вадиме зрната грав со црпка. Додаваме од потребните зачини. Во него ги додаваме копривите и запршката. Добро промешуваме. Гравот го полеваме со водата во која го варевме колку да го облие, но не да биде премногу густо значи количина на вода доволно за да кога ќе биде готово тавчето да не е премногу суво.
Рерната ја загреваме на 200 степени и го ставаме плекчето. Потпечуваме околу 30 минути или додека малку фати коричка одозгора гравчето. Можете во меѓувреме и да пробате да не ви се распаднат зрната грав бидејки на секоја сорта грав му треба различно време на варење.
Гравче тавче со коприви досега немав готвено, но веќе ќе се готви често во мојот дом. Имам правено варено гравче со коприви исто така не заостанува со вкусот, кој е посебен токму поради копривите. Се надевам дека ќе ве испровоцирам малку да станете љубопитни за вкусот барем оние кои досега не пробале вакво гравче тавче.Ви посакувам добар апетит.
Лиценца: Сите права се задржани