Водата се става да зоврие. Се додава 3-4 лажици зејтин, солта и потоа во зовриената вода се налева тараната. Убаво се меша три-четири минути, а потоа постепено се додава палентата. Се меша постојано додека се впие целата вода и се става во рерна на печење. Росникот се пече околу 80-90минути на 200степени и од време на време се промешува со дрвена лажица.
На дното од тепсијата и на краевите ќе се зафати коричка и од како ќе се извади од рерна со нож се одлепува коричката. За печење на росникот се користи постара тепсија баш поради тоа одлепување-стружење на зафатената кора. Ова е неопходно затоа што се добива на вкус и росникот ќе биде покрцкав.
Салото се загрева во посебно лонче до вриење и се попарува росникот, па убаво се меша. Одозгора се поросува и дробено сирење по желба и се меша пак.
Росникот е убаво направен кога зрната од тарана се двојат. Рецептот е многу едноставен по состојки, а вака подготвена тараната има посебен вкус. Може да се користи како самостоен оброк за доручек, а исто така може да послужи и како прилог.
Овој рецепт потекнува од Гостиварскиот крај и затоа го нареков така и препорачувам да го пробате.

Лиценца: Сите права се задржани