Виолетова торта со чоколаден ганаш
Еве и од мене една торта иако не ги обожавам многу ниту за правење ниту за јадење, ама за роденден во фамилија сакам неjќам ќе направам неколку пати годишно.Ова е една интересна комбинација од овошен и чоколаден вкус кој и најприбирливите дегустатори нема да ги остави рамнодушни.
Најпрво се подготвува бисквитот. Жолчките пенесто изматете ги и при матење постепено додавајте лажица по лажица од брашното кое претходно сте го измешале со прашокот за пециво, шеќерот и какаото. На крај постепено со кутлача додавајте од снегот од белки кои настрана ќе го подготвите. Убаво промешајте за да се изедначат смесите и ставете го во плех или тава обложен со хартија за печење.(јас користев бр. 26) Откако ќе се испече и ислади малку поделете го бисквитит хоризонтално на половина.
Филот подгответе го на тој начин што ќе ги исчистете боровинките од гранчиња и листови и ставете ги во тенџере со ванилиниот шеќер и шеќерот на рингла за да се растопи шеќерот и да пуштат боровинките сок. Тргнете ги настрана и топли изматете ги. Вратете ги на оган и постепено додавајте го густинот измешан во 3-4 лажици вода. Мешајте непрестано за да се згусне смесата, а да не се направат грутки. Оставете да се олади.
За тоа време желатинот изматете го со водата и ставете го малку на рингла да се растопи и згусне 1 до 2 минути. Слатката павлака матете ја и постепено во неа додавајте од смесата со растопен желатин. Кога ќе се згусне оваа смеса престанете со матење. На крај измешајте ја со изладената смеса од боровинки за убаво да се соедини. Нанесете го вака приготвениот виолетов фил врз првата кора која сте ја премачкале со малку слатко или сок од боровинки и врз распоредениот фил ставете ја втората кора.
Сега подгответе го чоколадниот ганаш. Чоколадото искршете го на коцки и ставете го да се растопи заедно со путерот исечен на коцки. Во друг сад слатката павлака ставете ја на огин да зоврие и прелијте го со неа растопеното чоколадо. Промешајте да се соедини. Ставете го вака подготвениот ганаш во фрижидер неколку часа да се стегне. Со готовиот чоколаден ганаш премачкајте ја тортата. Декорирајте ја по желба. Јас ја декорирав со портокали бидејќи ја правев зимоска.
Добар апетит!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови