Брзи лиснати школки
Ова е брз начин да добиете лиснато тесто. Овие школки јас ги полнев со фил од мелено месо и компир, но секако дека може да се полнат со некој друг фил по ваша желба.
Од наведените состојки замесете ги двете теста. Потоа секое тесто одделно завиткајте го во проѕирна фолија и оставете ги во фрижидер најмалку 30 минути да одморат. За тоа време подгответе го филот.
Кромидот ситно исецкајте го и ставете го да пропржи на малку масло. Додадете го меленото месо, па по кратко и компирот, рендан на крупно. Се убаво испржете и додадете по вкус зачини.
Потоа секое од тестата поделете го на 4 дела. Земете еден дел од тестото 2 и расукајте го колку чинивче. Потоа ставете топче од тестото 1 и затворете го од сите страни да добиете едно поголемо топче.
Ова топче расукајте го во долгнавеста правоаголна коричка и поделете го на два дела во должина. Секој од деловите завиткајте го во ролат по долгата страна, а потоа расукајте го во долгнавеста коричка. Оваа коричка свиткјате ја во ролат по кратката страна (се надевам дека дополнителните слики ќе ви помогнат, не е толку комплицирано како што изгледа). Потоа малото ролатче расечете го на повеќе делови, јас заклучив дека е најдобро да биде на 4 дела. Секое делче расукајте го, ставете една лажичка од филот, преклопете го на пола и краевите притиснете ги со вилушка.
Редете ги во плех обложен со хартија за печење и премачкајте ги со разматено јајце. Печете ги во загреана рерна на 200 степени додека не поруменат.
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани