По испробани неколку рецепти за крофнички во апаратот, се вљубив во овој. Совршен!
Крофните не се пржат, се приготвуваат за 4-5 минути, а ако сакате малку посветли да бидат, времето на подготовка може да биде и пократко.

Вклучете го апаратот да се загрее. Додека ја приготвувате смесата, апаратот ќе биде спремен за печење.

Јајцата и шеќерот убаво матете ги додека шеќерот не се стопи, а смесата не стане убава и густа.
Додадете ги маслото и јогуртот, изматете и потоа додадете го брашното и пецивото. Матете на мала брзина за да не се разлета брашното. Смесата е густа, погуста од таа за палачинки.
Смесата за крофничките е готова.

Сипајте од смесата во калапчињата за крофнички. Полнете ги калапчињата до врвот, затворете го капакот и печете.

Декорирајте ги по ваш вкус. Со течно чоколадо и шеќер во прав, стопете чоколадо, потопете ја едната страна и потоа веднаш во чоколадни трошки, само потопете ги во омилениот џем... како ви е мерак!
Крофничките на главната фотографија се потопени во Карамел крем по рецепт на наша Љиља :)

Совети :
- Јас со нашето апаратче ги печам 4-5 минути бидејки сакаме малку крцкава коричка. Инаку готови се за од прилика 3 минути. Проверете сами како ќе ви одговара најмногу.
- За да не се мачите да ги полните калапчињата со лажица користете готварски шприц или наполнете кесе за замрнувач на кое ќе му исечете мало делче од ќошето и ќе ја користите како шприц.
- Пожелно е да користите кесе или шприц бидејки со тоа ќе го забрзате процесот на работа. Кога ќе ја ставите смесата во апаратчето, таа веднаш почнува да се пече и нараснува. Ако работите полека смесата ќе претече и нема да ја добие убавата форма на крофна.
- Во упатството пишуваше дека може да се користи мерица (бокалче) за смесата, но оваа смеса е погуста и не дозволува таков начин на сипање.
- Доколку сакате во самата смеса можете да додадете ситно сецкани парченца овошје или јаткасти плодови и така да ги печете. Испробани ни се со јагоди и беа феноменални.
Парченцата исецкајте ги ситно за да не ви се заглавуваат во шприцот или исецкани нека стојат на страна, наполнете го калапчето, но не до врв, наредете овошје и дополнете го калапчето. Работете брзо за да не претече смесата.
- Горниот дел од крофната ќе биде посветол од долниот (во зависност колку време ги печете). Тоа не е бидејки не работи греачот, туку бидејки долниот дел подолго време е во допир со плотната, а горниот дел треба да нарасне и да допре до горната плотна.
- Оваа количина е голема, за проба можете да направите половина доза, иако ние по дома никогаш не правиме половина доза.

Пилиштарциве ги обожаваат крофничките. Си ги редат на прстиња и ги јадат без никакви додатоци. КОФНИЧКИ СО ДУПЧЕ биле најубавите.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани