Бисквитни колачиња
Прекрасни, вкусни, меки, бисквитни колачи излегуваат од овие состојки. Ви ги препорачувам на сите кои имате мали деца, а се разбира и на оние кои особено го сакаат вкусот на ванила во колачи. Ова е многу стар рецепт од тетратките на нашите баби и мајки.
Пенасто ги матиме шеќерот и путерот, кој ни бил на собна температура. Ги додаваме јајцата и ванилата додека смесата фино да се соедини. Постепено го додаваме брашното во кое сме го помешале и пецивото. Матиме со миксерот до потполно соединување. Смесата ја делиме на две половини и во едната ставаме какао.
Ако сакате да вадите фигури со калапчиња, а тестото го развлекувате со оклагија,во тој случај смесата треба да ви отстои во фрижидер 1 час за да се стегне. Бидејќи нараснуваат при печење, ако го расукувате дебелината треба да ви биде 0,5 см.
Доколку имате шприц за изработка на вакви колачиња, во тој случај веднаш наполнете го шприцот и формирајте ги. Колачињата ставајте ги директно на хартија за печење во тавче. Рерната загрејте ја на 150 степени. Печете 10-12 мин. Само што ќе почнат да ја менуваат бојата извадете ги. Во тој случај добивате меки бисквити.
Ако пак сакате да ви бидат потврди и попечени печете ги повеќе, ама во тој случај добивате многу суви и тврди колачи.
Забелешка
Го користев Делимано шприцот за колачиња и многу фино беше тестото за работа со него.
Доколку имате желба да ги украсите дополнително колачињава, растопете чоколадо со 1 лажица масло и половина од колачето потопете го во него. Оставете го да се суши на мрсна хартија.
Ние немавме време за украсување. Уште додека беа во тавче, малку подизладени, најмалиот син само си земаше и така растрчан и возбуден, бидејќи му биле многу убави и вкусни, делеше на сите деца од семејството =)
Во колачите во кои има какао се разбира доминира вкусот на чоколадо, а не на ванила. Како и да е во нашиот дом станаа фаворит. Од оваа доза излегуваат двете тавчиња прикажани на дополнителните фотографии. Ама јас ви препорачувам да си направите дупла доза=)
Јас не чекав ниту боја да сменат, откако поминаа 10-12 минути ги извадив и иако беа меки, нараснати се разбира, со ладење си го добија за мене посакуваниот облик и стабилност.
Лиценца: Сите права се задржани
Баш ме интересира шприцот што го имаш...Вака со обичниот шприц како што гледам некои од нив си ја задржале формата и воопшто не изгледаат лошо. Следниот пат доаѓам, заедно ќе ги правиме, јас со твојот, а ти со мојот шприц, па ќе видиме дали ќе има грешки:))) Ќе ја доведеме рецептава до совршенство:))))