Видео рецепт: Торта со капини, чоколадо и ореви
Денес ќе готвиме заедно со Надица, готвач член на нашата веб-страница. Надица ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Торта со капини, чоколадо и ореви.
Лесна торта со чоколадо, ореви и капини. Со само една смеса се подготвува и тестото и филот.
Подготовка
Чекор 1: Одделете ги белките од жолчките. Матете ги во посебни садови.
Во садот со добро изматени белки додадете ги мелените ореви, а во садот со жолчките додадете го маргаринот и растопеното чоколадо. Двете смеси измешајте ги заедно, убаво да се соединат и повторно поделете ги на половина. Едниот дел е за пандишпан, другиот дел е за филот.
Чекор 2: Во делот за пандишпанот додадете го брашното и прашакот за пециво. Убаво измешајте за да се соедини. Печете го на 180 степени, 8 минути, или проверете со чепкалка.
Чекор 3: Во делот за филот додадете го овошјето и лесно промешајте. Оставете го во ладилник до филување.
Чекор 4: Готовиот и оладен пандишпан исечете го на три еднакви дела и филувајте го. Целата торта премачкајте ја со фил и декорирајте ја со ореви.
СОВЕТ: Нам тортата со капини многу ни се допадна. Но вие можете да ја приготвите и со боровинки, или друго овошје по желба.