Видео рецепт: Ролат со тиква и цимет
Фичо ќе подготви ролат од сладок леб со тиква и зачини, со шеќерен фил од цимет.
Подготовка
Чекор 1: Тиквата исечете ја на половина, извадете го семето, исечете ја на еднакви коцки и ставете ја да се вари.
Чекор 2: Во сад за матење ставете го сувиот квасец, водата и шеќерот и мешајте полека додека не се растопи квасецот. Оставете го 5 минути да се одмори.
Чекор 3: Изблендирајте ја сварената тиква и оставете ја да се олади.
Чекор 4: Во садот со квасецот додадете млеко, шеќер, маџун, путер, прстофат сол, морско оревче, ѓумбир во прав, едно јајце и 1 шолја пире од тиква. Матете полека додека да добиете еднаква смеса. Потоа додадете го сенаменското брашно и мешајте со дрвена лажица да се соедини. Прекријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да нарасне.
Чекор 5: Калапот во кој што ќе печете премачкајте го со путер. Во помал сад измешајте ги циметот и кафеавиот шеќер. Стасаното тесто размесете го, расукајте го со сукало, премачкајте го со растопен путер и наросете го со смесата од цимет и кафеав шеќер. Направете ролат и оставете го да стаса. Од оваа количина состојки излегуваат 2 ролати во калап за векни.
Чекор 6: Печете во загреана рерна на 190 степени, околу 45 минути. По 20 минути печење, прекријте го со хартија за печење за да не потемни повеќе од посакуваното.
Чекор 7: Испечен го оставате да се олади за полесно да го извадите и сервирате.
СОВЕТ: Иако ролатот е доволно благ, по желба попрскајте го со шеќер во прав.