Видео рецепт: Поинаква пита со зелка и мелено месо
Денес ќе готвиме заедно со Маргарита, готвач член на нашата веб-страница. Маргарита ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Поинаква пита со зелка и мелено месо.
Поинаков начин на подготовка на пита, каде што филот од зелка и мелено месо, го преливаме со течно тесто со мајонез. Интересна комбинација, лесна за подготовка и многу вкусна. А калориите, нема да ги спомнуваме!
Подготовка
Чекор 1: Исечкајте ја ситно зелката, или изрендајте ја. Ставете ја во тава со малку вода, да се издинста, а потоа исцедете ја. Потпржете го месото на малку масло, да испари водата, или исцедете го вишокот ако е многу, а потоа измешајте го со зелката и 1 лажица мешан зачин.
Чекор 2: За подготовка на смесата за тесто, изматете ги јајцата како за торта, а потоа додајте го јогуртот и мајонезот. Ако немате јогурт, може да ставите и кисело млеко.
Потоа, со мешање, во смесата додајте ги брашното и содата. Мешајте додека добиете изедначена смеса.
Чекор 3: Во округлата тава истурете половина од смесата за тесто. Потоа распоредете го филот врз неа и на крај прелијте го со остатокот од смесата за тесто. Ставете ја тавата во рерна и вклучете ја на 180 степени. Печете 30 минути, или додека зарумени питата. Потоа исклучете ја рерната, и оставете ја питата внатре уште 10 минути.
Чекор 4: Извадете ја питата од рерна, и оставете ја десетина минути да се олади, покриена со крпа. Потоа исечете ја на осмини, со помош на пластична алатка. Сечењето е лесно, бидејќи тестото е многу меко. Сервирајте ја со павлака, кисело млеко или јогурт!
СОВЕТ: Оваа пита е толку вкусна што многу брзо се јаде. Но, внимавајте колку парчиња ќе изедете, затоа што во неа има многу маснотии!