Денес ќе готвиме заедно со Алекса, готвач член на нашата веб-страница. Алекса ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Пица ролат со зеленчук.

Ако се двоумите каде да го скриете зеленчукот за да го изедат вашите деца –еве една одлична идеја. Ролат со зеленчук во тестото, полнет со пица фил, на сечие задоволство!

Подготовка

Чекор 1: Зеленчукот исечкајте го на мали парчиња и сварете го во малку вода. Потоа испасирајте го за да направите пире. Ако во пирето има повеќе течност, исцедете ја.

Чекор 2: Ставете ги путерот и квасецот во млакото млеко и измешајте ги да се растопат.

За подготовка на тестото, ставете ги во садот пирето, растопениот квасец и дел од брашното. Мешајте и постепено додавајте го брашното за да добиете меко тесто. Ако пирето е потечно, може да ви треба повеќе брашно. Покријте го со пластична фолија и крпа, и оставете го да стаса, околу половина час.

Чекор 3: Стасаното тесто премесете го и расукајте го во правоаголник широк колку што е тавата за печење. Премачкајте го со доматното пире, изрендајте кашкавал, ставете ја шунката исечена на мали парчиња и наросете оригано. Потоа свиткајте ролат и префрлете го на Ростер тавата.

Чекор 4: Ролатот длабоко засечете го со остар нож, на секои 3-4 см.

Изматете го јајцето со малку сол и премачкајте го ролатот, па наросете сусам.

Оставете го ролатот да отстои десетина минути, па ставете го во загреана рерна на 220 степени. По 5 минути намалете ја температурата на 200 степени и печете додека не порумени, околу 20 минути.

Чекор 5: Оставете го малку да се излади, па потоа исечете го и сервирајте!

СОВЕТ: За пирето од зеленчук може да употребите и друг зеленчук по желба, како карфиол, праз, или лук...Од истото тесто може да направите кифлички, или некоја друга форма по желба и да ја филувате по ваш вкус. Бидете креативни!