Фичо ќе подготви италијански Панцероти, со малку поинаков фил со пилешко, сенф и кари.

Подготовка

Чекор 1: Водата сипете ја во подлабок сад, додадете го квасецот и една лажичка шеќер.

Во брашното додадете една лажичка сол, промешајте и додадете ја водата со квасецот. Кога ќе се соединат, додадете 5 лажици маслиново масло и месете додека тестото не стане хомогено. Оставете го тестото да стаса 30-40 минути.

Чекор 2: Додека стасува тестото, пилешкото месо исечкајте го на тенки шнитови, посолете го, ставете бибер и малку кари.

Во тавчето додадете малку путер со маслиново масло и пропржете го месото. Тргнете го на страна да се олади.

Чекор 3: Стасаното тесто поделете го на парчиња по желба колку сакате да бидат големи Панцеротите. Секоја Панцерота посебно премачкајте ја со сенф и полнете ја со филот од пилешко месо и кашкавал. Потоа ставете ленти кисели краставички и малку кечап по желба. Краевите на Панцеротата затворете ги со подвиткување.

Чекор 4: Тавата за печење посипете ја со брашно и наредете ги Панцеротите за печење. Со четка премачкајте ги со масло и наросете сусам. Печете ги во загреана рерна додека не нараснат и не заруменат од горе. Доколку имате вентилатор, можете да го вклучите.

СОВЕТ: Можеби зборот Панцероти во нашата кујна потсеќа на полнето, пржено тесто. Но, ова се Панцероти на италијански начин, кои кај нас почесто ќе ги сретнете под називот „Затворена пица“.