Како да направиш добра фотографија
Кога ќе подготвиш успешен рецепт, сакаш да го споделиш својот рецепт, и притоа да го прикажеш во најдобро светло. А тогаш фотографиите ти излегле вака, или вака, или уште полошо. Затоа, погледни неколку совети Како до добра фотографија.
Најпрво, сервирај го јадењето во чинија, декорирај го како што сметаш дека треба, а може да ставиш и неколку дополнителни декоративни елементи во позадина доколку сметаш дека се комплементарни на подготвениот рецепт.
Но, внимавај да не заборавиш и некои „декорации“ кои ќе го одвлечат целото внимание од рецептот – запалки, пепелници, прекинувачи во позадина, и разни други слични предмети.
При фотографирање со дигитален апарат
Минимална резолуција е 3 мегапиксели, исклучи го блицот, вклучи ја МАКРО функцијата ако има можност. Исклучи ја датата - да не се прикажува на фотографиите.
При фотографирање со мобилен телефон
Телефонот треба да има најмалку 3 мегапиксели, блицот да биде исклучен, ако има функција за макро да биде вклучена, и пред да почнеш со фотографирање не заборавај да ја пребришеш леќата со мека ткаенина.
1. Ако фотографираш во мрак, или во ден кога нема сончева светлина, запали ги светилките во просторијата и вклучи една дополнителна ламба со која ќе го приспособуваш светлото кое ја осветлува храната. Во случај кога фотографираш на сончева светлина, фотографирај најблиску до прозорецот.
2. Светлината од ламбата или прозорецот треба да паѓа врз јадењето од твојата лева или десна страна, или од кај тебе. Не фотографирај спротивено од изворот на светлина. Внимавај да не фрлаш сенка врз чинијата.
3. Чинијата со сервираното јадење треба да зафаќа околу 90% од самата фотографија, или од 80 до 100%. Некогаш е подобро воопшто да не се гледа чинијата и да се фатат деталите, но ова само ако имаш добар апарат или телефон, кој може да фокусира на мала оддалеченост и има МАКРО функција.
4. Фотографирај го јадењето од повеќе агли, странично, а најдобро под вертикален агол од 30 до 45 степени. Фотографирањето од горе е препорачливо само во случаи кога декорацијата и обликот на јадењето е од горната страна и сакаш да ги прикажеш целосно. Во сите други случаи не ја доловува текстурата, обликот и изгледот на сервираното јадење.
5. За да имаш острина на фотографијата токму во делот на сервираното јадење, направи неколку фотографии од различна оддалеченост (мерено во сантиметри), а притоа внимавај при која оддалеченост острината е најголема врз храната. Ако имаш апарат или телефон каде што можеш да го подесиш фокусот, тогаш намести го врз најблискиот горен дел од храната.
6. Важно при фотографирање без блиц е да нема движење на камерата, па ако можеш намести го апаратот или телефонот статичен на подлога. Во случај да не може да направиш добра фотографија без блиц, вклучи го и блицот, но не ги гаси светилките и претходно споменатите извори на светлина.
Ти посакуваме успешно фотографирање на твоите вкусни рецепти, и ги очекуваме на моирецепти.мк
Се надеваме дека ќе ги пробате сите можности.