Брокула
Прекрасните главички од брокулата изобилуваат со фито-материи кои придонесуваат за заштита од рак на простатата и мозочен удар, што е извонредна вест за мажите кои се грижат за своето здравје! Овој зеленчук е уникатен според своите хранливи карактеристики, но и начинот на кој помага во превенција на болестите и одржувањето на доброто здравје.
Технички, брокулите се делат на два главни видови, според нивниот изглед – со главички и из’ртени. Брокулата со главички формира една голема, цврста главичка, додека из’ртената брокула формира голем број мали главички или цветчиња. Ова сезонско растение бара доста плодна и добро дренажирана почва за да успее.
Зрелите растенија во просек се широки од 10 до 25 сантиметри и имаат од темно зелена до виолетова боја на главичката, во зависност од видот. Централното дебело стебло е високо од 15 до 25 сантиметри. И дебелото стебло и цветните главички се јадат. Постојат голем број хибридни мешавини со други зелкоцветни растенија, како што се брокарфиол (мешавина од брокула и карфиол), брокулини (мешавина од брокула и кинеска брокула), итн.
Здравствени придобивки од брокулата
- Брокулата содржи многу малку калории, само 34 на 100 грама. Но, богата е со растителни влакна, минерали, витамини и антиоксиданси со докажани здравствени придобивки.
- Свежата брокула е исклучително богат извор на витамин Ц. Во 100 грама има 150 проценти од дневната препорачана доза. Витаминот Ц е моќен, природен антиоксиданс и имуномодулатор, кој помага во борбата со вирусите што предизвикуваат грип.
- Брокулата содржи големи количини од друг витамин-антиоксиданс, витаминот А; но и други про-витамини, како бета-каротин, алфа-каротин, зексантин, кои помагаат во одржувањето на интегритетот на кожата и слузокожата. Витаминот А исто така е неопходен за добар вид и помага во превенцијата на макуларната дегенерација на ретината кај постарата популација.
- Исто така, брокулата е добар извор на минерали, како што се: калциум, магнезиум, железо, селен, цинк и фосфор.
- Главичките од свежа брокула се извонреден извор на фолати. Содржат околу 63 микрограма во 100 грама (обезбедува 16 проценти од дневната препорачана доза). Студиите покажаа дека конзумирањето зеленчук и овошје богати со фолати пред зачнувањето и во текот на бременоста, помага во превенцијата на оштетувања на мозокот и ’рбетниот столб кај новороденчињата.
- Листовите од брокула се одличен извор на каротеноиди и витамин А (обезбедува 16 илјади интернационални единици витамин А на 100 грама), затоа што содржат неколкупати повеќе од овие супстанци отколку корењата.
- Овој цветен зеленчук исто така е одличен извор на други витамини од групата на витаминот К и Б-комплекс, како што се: Нијацин (Б3), пантотенична киселина (Б5), пиридоксин (Б6) и рибофлавин. Главичките содржат и одредена количина омега-3 масни киселини.
Избор и складирање
Свежата брокула ја има преку целата година. Во маркетите, одберете ги свежите, сјајни, цврсти, компактни цветни главички со добра текстура и богат вкус. Избегнувајте ги презреаните кои имаат жолти топчиња на цветовите, претерано многу гранчиња и шупливи стебла. Кога сте во можност, побарајте ги брокулите кои се одгледувани органски, за да извлечете најголема полза.
Штом ќе дојдете дома, измијте ги цветните главички потопувајќи ги во солена вода превртени наопаку, најмногу до 30 минути, а потоа исплакнете ги под студена вода од чешма, пред јадење, за да ги отстраните сите остатоци од пестициди и прав. Брокулата при миење треба да се третира како секој друг зеленчук, како на пример спанаќ.
Кога сте во можност, јадете ги брокулите додека се свежи. Во спротивно, можете да ги оставите во фрижидерот, затворени во вакуум сад, во кој можат да останат свежи до неколку дена.
Употреба во кујната
Месестите цветни главички, стеблата и листовите се јадат. Делови од брокула се користат за приготвување голем број деликатеси. Тврдите стебла и дебелите листови најчесто се поткаструваат со нож.
Совети за приготвување:
- Брокулата може да се јаде свежа или како салата, за да се задржи колку што е можно повеќе од хранливите материи.
- Најчесто се користи во пржени јадења, како додаток, сама или пак во комбинација со други зеленчуци, грав, месо од живина; измешана со сос, масло, кромид, пиперки и лук.
- Иако се покажа дека варењето и приготвувањето во микробранова печка ги уништуваат антиоксидансите како што се витаминот Ц, фолатите и одредени хранливи фито-материи кои штитат од рак, другите методи на приготвување, како што се обарување и запржување, не покажуваат знаци на деградација на хранливите материи.
Здравствено предупредување
Како и другите членови во фамилијата зелкоцветни растенија, брокулата содржи материи кои можат да предизвикаат потекување на тироидната жлезда и поради тоа, луѓето со тироидна дисфункција треба да ја избегнуваат. Секако, здравите луѓе можат да ја користат во неограничени количини.