Лепчињава се неизоставни на германските трпези посебно за неделниот појадок. Со мека внатрешност, а тенка крцкава кора...највкусни се кога се топли. Често ги купувам ама понекогаш знам и сама да ги направам. Најпрво ќе ја напишам постапката како во оригиналниот рецепт кој го имам, а потоа онака како јас ги подготвувам.
Подготовка
Брашното ставете го во длабок сад и направете вдлабнатина во брашното. Изронете го квасецот внатре, додадете шеќерот и ставете малку млака вода. Промешајте, и покријте со крпа па оставете така додека квасецот да надојде.
Додадете ја солта, путерот и остатокот од водата и замесете средно меко тесто кое нема да се лепи за рацете. Тестото месете го околу 10 мин. Оставете убаво да стаса (отприлика 1 час).
Откако ќе стаса, поделете го тестото на 15 топчиња. Јас секое топче го мерам и тежи секое од нив некои 60-тина грама. Ако сакате поголеми лепчиња, нека тежат по 90-тина грама.
Секое топче оформете го во овална форма и ставајте во плех на хартија за печење. Одозгора засечете ги со остар нож, покријте со крпа и оставете да стасаат.
Рерната вклучете ја на 200 степени да се загрева и најдоле во неа ставете еден огноотпорен сад со вода. Кога лепчињата ќе стасаат, а за тоа време рерната се загреала и водата во неа зоврела, премачкајте ги со белка во која сте ја додале водата.
Се печат 20-тина минути на 200 и околу 4-5 мин на 225 степени колку да заруменат. Внимавајте, за цело време додека се печат, во садот да има доволно вода која врие.

Е сега, јас бидејќи сакам топли лепчиња за појадок а не ми се станува рано, рано за да ги спремам )))) тестото го подготвувам одвечер. Постапката е се иста, само откако ќе го измесам тестото го ставам во длабок сад, покривам со фолија и го ставам во фрижидер до наредното утро. Тоа ќе си нарасни, и наутро само ги оформувам лепчињата, засекувам, стасуваат, премачкувам со белка и вода и ставам да се печат. Мора да напоменам дека вака нараснувањето на лепчињата оди побавно (околу 1 час) затоа што тестото е ладно.

Пробајте....

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани